Белградската полиција спроведе голема акција во која за само еден ден беа откриени три нелегални лаборатории за производство на марихуана во вештачки услови. По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, уапсени се вкупно седум лица кои се сомничат за неовластено производство и продажба на наркотични средства.
Најголемото откритие било направено во населбата Батајница, каде полицијата пронашла целосно опремена лабораторија со околу 1.700 растенија марихуана. Во акцијата на оваа локација биле приведени пет лица за кои се сомнева дека делувале како организирана група.
Втората лабораторија била откриена во стан на територијата на Вождовац. Таму биле пронајдени 74 садници марихуана, а полицијата го уапсила лицето кое се поврзува со нивното одгледување.
Третиот случај бил регистриран во местото Трешња, во општина Сопот, каде истражителите откриле уште една импровизирана лабораторија со околу 30 растенија. И таму било уапсено едно лице.
На сите осомничени им се става на товар кривично дело поврзано со неовластено производство и пуштање во промет на дрога. Петтемина осомничени од Батајница може да се соочат со потешки обвиненија, бидејќи, според полицијата, делувале во група, за што законот предвидува повеќегодишни затворски казни.
На сите приведени им е одредено полициско задржување до 48 часа, по што треба да бидат изведени пред обвинител за понатамошна постапка.








