Словенија денес се соочува со сериозно временско невреме кое зафати повеќе региони, носејќи силен ветер, крупен град и локални поплави, јавуваат тамошните медиуми.
Според извештаите, најпогодени се областите Словењ Градец, Жалец и Преваље, каде се пријавени силни налети на ветер што предизвикале штети и отежнато движење. Во Велење, пак, обилните врнежи довеле до поплавување на делови од градот.
Невремето се движи од северозапад кон внатрешноста на земјата, а метеоролозите предупредуваат дека североисточните региони би можеле да се соочат со уште поинтензивни врнежи, град и засилен ветер во текот на денот.
Иако се очекува временските услови да се стабилизираат во текот на ноќта, прогнозите најавуваат дека веќе од понеделник повторно ќе се појави нестабилно време со локални врнежи низ делови од Словенија.
Надлежните служби се на терен и ја следат состојбата, додека граѓаните се предупредуваат на внимателно движење поради можни нови временски неприлики.










