Додека голем дел од туристите и понатаму ги избираат традиционалните летни дестинации како Грција, Хрватска и Италија, сè повеќе патници се насочуваат кон Албанија, која во последните години доживува силен туристички раст и станува една од најбрзо растечките дестинации во Европа. Главните причини за тоа се пониските цени, чистото тиркизно море, помалите гужви и гостопримството.
Тирана се издвојува како едно од најевтините европски главни градови за туристи. Таму е можно да се најдат културни содржини по многу ниски цени, како влезници за музеи, театар или оперски претстави, а и сместувањето е значително поевтино во споредба со западноевропските градови. Во градот може да се вечера по пристапни цени, што дополнително ја зголемува неговата атрактивност.
Недалеку од Тирана се наоѓа Драч, еден од најважните крајбрежни градови во земјата, познат по својата историја која датира од римско време, како и по амфитеатарот и венецијанската кула. Градот е популарен за еднодневни посети, а храната и пијалоците таму се исто така значително поевтини од европскиот просек.
Албанската ривиера, која се протега долж Јадранското и Јонското Море, станува сè попозната по своите природни убавини. Места како Ксамил, Саранда, Химара и Дхерми привлекуваат туристи со чисто море и природни плажи, додека Синото Око е една од најпосетуваните природни атракции.
Туристите сè почесто истакнуваат дека покрај ниските цени и убавата природа, голема предност е и тоа што во многу делови од земјата нема масовни гужви како во популарните медитерански дестинации.
Според туристички анализи и новинарски извештаи, Албанија се повеќе се позиционира како сериозна конкуренција на класичните летни дестинации и се очекува трендот на раст на туризмот да продолжи и во наредните сезони.








