Американскиот Стејт департмент одобри продажба на поморски хеликоптери „Сихок“ на Нов Зеланд во вредност од 1,5 милијарди долари, со цел зајакнување на одбранбените капацитети на земјата и подобро справување со актуелни и идни безбедносни закани, како и заштита на критичната инфраструктура.
Според соопштението, Нов Зеланд сè почесто се вклучува во безбедносните активности во Источна Азија, особено во координација со сојузникот Австралија.
Оваа набавка е дел од поширок план на владата за зголемување на одбранбените трошоци за околу девет милијарди новозеландски долари во период од четири години, со цел постепено приближување кон издвојување од околу два отсто од бруто-домашниот производ за одбрана во следните осум години.
Дополнително, Велингтон неодамна обезбедил и дополнителни средства од 1,58 милијарди новозеландски долари за модернизација на вооружените сили, како дел од пошироката стратегија за обновување и зајакнување на воените капацитети на земјата.








