Владата внимателно ја следи состојбата на светските нафтени берзи и најави итна седница утре во 12 часот, на која ќе се донесат конкретни мерки за ублажување на ценовниот шок кај горивата. Причината е континуираниот раст на цените на нафтата на глобално ниво, што директно се одразува и врз домашниот пазар.
Иако во моментов горивата во земјава се меѓу поевтините во регионот, се очекува нов раст на цените на дизелот и бензините веќе од понеделник, што дополнително го зголемува притисокот врз граѓаните и компаниите. Поради тоа, од Владата најавуваат вонредни мерки со цел да се амортизира ударот од поскапувањето.
Од 18 март, на бензинските станици на ОКТА, Пуцко Петрол, Макпетрол и Лукоил, горивата се продаваат за два денара поевтино од максималната цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Ова намалување дојде откако ОКТА им понуди пониски цени на трговците и започна со испорака на гориво по пониска цена.
На прес-конференција одржана на 13 март, министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на ОКТА, Димитриос Пасхос, најавија дека до крајот на март ќе се задржи намалувањето од два денара за дизелот и бензините за трговците. Сепак, конечните цени остануваат во рацете на трговците, кои ги формираат согласно пазарните услови и сопствените комерцијални политики.
Во меѓувреме, последните две корекции на цените од страна на РКЕ донесоа значителни поскапувања – дизелот поскапе за 21 денар по литар, додека бензините се зголемија за 12 денари по литар. Главната причина за овој тренд, како на домашно така и на глобално ниво, се актуелните случувања и нестабилноста на Блискиот Исток, кои имаат силно влијание врз светските енергетски пазари.


















