Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, на денешното Редовно годишно собрание изнесе сериозни тврдења за начинот на кој биле трошени средствата на Федерацијата во периодот пред промената на раководството.
Тој посочи дека во време на примопредавање на функцијата, односно во периодот од ноември до декември 2024 година, од сметката на ФФМ биле исплатени околу 5 милиони евра. Според Омерагиќ, станува збор за средства кои биле наменети за развој на фудбалот, а биле потрошени само еден месец пред новото раководство да ја преземе функцијата.
Во тој период, како што беше посочено, ингеренциите сѐ уште ги имал тогашниот претседател Мухамед Сејдини.
Омерагиќ порача дека новото раководство затекнало тешка состојба, но наместо да бара оправдувања, веднаш почнало со воведување ред во работењето. Тој нагласи дека само кај трошоците за хотели, чартер летови и авионски карти веќе биле направени значителни кратења, при што според неговите зборови биле заштедени повеќе од еден милион евра.
Првиот човек на ФФМ истакна дека секој трошок сега внимателно се следи, затоа што, како што рече, средствата не му припаѓаат на поединец, туку на македонскиот фудбал.
Според него, промените што се прават не се само формални, туку претставуваат целосен пресврт во начинот на функционирање на Федерацијата.


















