ПРВ.мк
Топ Вести

„Во 21 век трчаме по вода“ – револт кај гостиварци поради долгата водна криза

„Во 21 век трчаме по вода“ – револт кај гостиварци поради долгата водна криза

Жителите на Гостивар веќе седум дена се соочуваат со сериозна водоводна криза, поради која се принудени секојдневно да чекаат во редици за флаширана вода на пунктовите поставени низ градот.

Во долгите редици има и повозрасни граѓани, на кои високите температури дополнително им ја отежнуваат ситуацијата. Дел од нив велат дека со купена вода ги извршуваат и најосновните домашни обврски, како миење садови и одржување на личната хигиена, а незадоволството од состојбата секојдневно расте.

Проблемот сериозно го нарушува секојдневниот живот на стотици семејства, кои велат дека најосновните услови за нормално функционирање се доведени во прашање. Граѓаните бараат институциите побрзо да го решат проблемот и да дадат одговор кога повторно ќе има безбедна вода.

Последиците ги чувствуваат и угостителските објекти. Сопствениците на кафулиња и ресторани велат дека работат во отежнати услови, користејќи флаширана вода, а прометот значително им е намален. Според нив, дел од туристите и иселениците кои дошле на одмор веќе го напуштаат градот, што дополнително влијае врз локалната економија.

Во гостиварската болница и натаму пристигнуваат пациенти со стомачни тегоби, иако од здравствената установа информираат дека бројот на нови случаи постепено се намалува. Во текот на вчерашниот ден биле прегледани 65 пациенти, кои добиле соодветна симптоматска терапија.

Во меѓувреме, стручните служби продолжуваат со санација на водоводниот систем и со редовни анализи на квалитетот на водата. Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека техничката вода ќе може повторно да се користи дури откако анализите ќе покажат дека нивото на хлорирање ги исполнува потребните стандарди.

Иако првичните очекувања беа технички исправна вода да има до крајот на неделата, а вода за пиење до крајот на следната, забраната за користење на водата засега останува во сила, оставајќи ги гостиварци и понатаму да се снаоѓаат во екот на летните горештини.