До 18:00 часот денеска на територијата на Македонија биле регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои три остануваат активни, еден е ставен под контрола, а осум се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во моментов активни се пожарите во атарот на селата Плешинци и Стрмош во Општина Пробиштип, каде што гори ниска вегетација, грмушки и ниска шума. Активен е и пожарот кај селото Винце во Кумановско, каде што е зафатена сува трева, како и пожарот на потегот од Горно Коњари кон Винце во Општина Петровец, каде што огнот зафатил сува трева, грмушки и шумски појас.
Под контрола е пожарот над депонијата во Росоман, на подрачјето на Општина Кавадарци, каде што претходно горела сува вегетација.
Во текот на денот целосно се локализирани и изгаснати осум пожари, меѓу кои кај селата Српци и Беранци во Општина Могила, кај Бојаџиина Чешма во Велес, на две локации во Струга, во Општина Студеничани, во селото Неготино во Општина Врапчиште, кај Споменик Костурница во Куманово и на потегот од селото Миравци кон Петрово во Општина Гевгелија.
Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со интервенции на преостанатите активни жаришта со цел тие во најкус можен рок да бидат целосно локализирани.






