ПРВ.мк
Топ Вести

Нов колапс на електромрежата: Метрото запре, без вода и интернет во делови од Грузија

Нов колапс на електромрежата: Метрото запре, без вода и интернет во делови од Грузија

Грузија повторно се соочи со масовен прекин на електричната енергија, втор во период пократок од два дена, при што без струја останаа главниот град Тбилиси и повеќе други големи градови низ земјата.

Прекинот започнал околу 8:00 часот по локално време и ги погодил Тбилиси, Батуми, Кутаиси и уште неколку населени места. Поради колапсот на електричната мрежа, во главниот град беше запрено метрото, нарушен железничкиот сообраќај, а прекинато беше и водоснабдувањето бидејќи пумпните станици останале без напојување.

Граѓаните пријавиле и проблеми со мобилниот интернет, додека надлежните започнале со постепено враќање на електричната енергија. Во делови од Тбилиси струјата била обновена околу половина час по прекинот.

Овој инцидент следува помалку од 30 часа по претходниот голем прекин што ја погоди целата земја и чие санирање траеше речиси цела ноќ.

Националната комисија за регулирање на струјата и водата во Грузија свика итен состанок и најави истрага за причините за првиот прекин. Регулаторот формирал работна група со целосен пристап до податоците од сите енергетски компании, по критиките дека јавноста не добила доволно јасни информации за случувањата.

Засега причината за двата големи прекини не е официјално утврдена. Операторот на електроенергетскиот систем ги отфрли тврдењата дека проблемот бил поврзан со далноводот кон Турција, додека од хидроцентралата „Ингури“ не ги потврдија информациите за евентуален дефект во постројката.