ПРВ.мк
Топ Вести

Трамп бара враќање на Алкатраз – што се крие зад идејата?

Трамп бара враќање на Алкатраз – што се крие зад идејата?

Американскиот претседател Доналд Трамп во новиот предлог-буџет побара од Конгресот 152 милиони долари за повторно отворање на озлогласениот затвор Алкатраз, пренесува германската агенција dpa.

Предлог-буџетот за фискалната 2027 година, објавен од Белата куќа, предвидува средства за обнова на Алкатраз како „врвен и безбеден затворски објект“. Овие средства би ги покриле трошоците за првата година од проектот и се дел од пошироко барање од 1,7 милијарди долари наменети за реновирање на затвори кои се во лоша состојба низ САД.

Трамп уште во мај најави дека дал насоки до надлежните институции да се пристапи кон обновување и повторно отворање на овој историски објект.

Познат како „Карпата“, Алкатраз се наоѓа на остров во заливот на Сан Франциско и бил еден од најстрого чуваните затвори во историјата. Во период од 29 години служел како место за сместување на некои од најопасните криминалци, а последните затвореници биле ослободени во 1963 година.

Затворот стекнал репутација дека бегство од него е речиси невозможно, а меѓу најпознатите затвореници биле Ал Капоне, Џорџ „Машин Ган“ Кели, Алвин Карпис и Роберт Страуд.

Алкатраз започнал со работа во 1934 година и во него казна издржувале вкупно 1.576 затвореници. Денес, објектот функционира како музеј и туристичка атракција, кој годишно го посетуваат околу 1,2 милиони луѓе.