ПРВ.мк
Топ Вести

Пристигнаа новите покачувања - кој се доби повисока плата во април?

Пристигнаа новите покачувања - кој се доби повисока плата во април?

Вработените во државната администрација, судовите и правосудните органи, како и дел од работниците во компании со потпишани колективни договори, добија зголемување на платите, со што околу 11 илјади вработени веќе имаат повисоки примања.

Со 60 поединечни колективни договори потпишани од УПОЗ со институции од јавниот и државниот сектор, платите се зголемуваат за 7% над законското усогласување со минималната плата. Дополнително, административните службеници ќе добијат уште две зголемувања од по 7% во март 2027 и 2028 година, што според пресметките може да доведе до вкупен раст од околу 42–43% во период од две години.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, истакнува дека покрај административците, зголемување од 5% до 8% добиле и вработените во компании со колективни договори, при што во големите фирми речиси и да нема работници со минимална плата. Тој додава дека синдикатите бараат минимална плата од 600 евра и зголемување од 100 евра за сите останати плати.

Од друга страна, професорот по трудово право Лазар Јовевски објаснува дека реалниот ефект од покачувањата е кумулативен — со комбинација од раст на минималната плата и процентуалните зголемувања, вкупниот раст може да достигне околу 40% во неколку години. Тој нагласува дека ова е значаен и досега невиден тренд во државата.

Минималната плата неодамна се зголеми за 1.667 денари и изнесува 26.046 денари, без согласност од дел од синдикатите. Потпретседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски, посочува дека во зависност од колективните договори, некои компании ќе продолжат со дополнителни зголемувања, особено каде што има активни синдикати.

Економските експерти предупредуваат дека минималната плата е под притисок меѓу барањата на работниците и можностите на работодавците. Претставници од бизнис секторот, како Горан Малишиќ, укажуваат дека придонесите за минималната плата се високи и претставуваат значителен товар за компаниите, особено за малите и микро претпријатија кои доминираат во економијата.

Според податоците од Управата за јавни приходи, над 154 илјади работници земаат плата под 30 илјади денари, околу 204 илјади се во распон до просечната плата, додека околу 144 илјади примаат над просекот.