Приказната поврзана со брчанскиот лекар Небојша Мраовиќ, во чиј двор беа откриени посмртни остатоци на цивилни жртви од Сребреница, доби неочекуван правен епилог. Надлежните обвинителства донеле одлука дека истражна постапка нема да се спроведува поради настапување на апсолутна застареност.
Според објаснувањата, Обвинителството на Босна и Херцеговина првично одлучило да не отвора истрага токму од оваа причина, по што предметот бил проследен до Обвинителството на Брчко. И таму, по анализа на надлежноста и важечките законски рокови, е донесен ист заклучок – дека не постојат услови за понатамошно водење на постапката.
Ова значи дека, и покрај тоа што пронајдените коски припаѓаат на жртви од геноцидот во Сребреница, во моментов не постои правна основа некој да одговара за случајот, што предизвикува силни реакции во јавноста.
Здружението на семејства на исчезнати, насилно одведени и убиени Бошњаци од Брчко остро ја критикуваше одлуката, оценувајќи ја како сериозен пропуст на правосудните институции. Претседателот на здружението, Сеад Голиќ, изјави дека ваквиот исход е неприфатлив и дека ваквите случаи не би смееле да застаруваат според законите за воени злосторства.
Против одлуката е поднесена и жалба од поранешната сопруга на Мраовиќ. За жалбата треба да одлучува главниот обвинител на Обвинителството на Дистриктот, функција која сè уште не е пополнета, што дополнително го одложува процесот.
Адвокатот Дарко Милиќевиќ истакна дека со жалбата се оспорува законитоста на првичната одлука и се бара нејзино преиспитување од второстепен орган во рамки на обвинителството.
И покрај контроверзиите околу случајот, Мраовиќ продолжил со работа во друга ординација. Лекарската комора на Република Српска му издала лиценца за работа како специјалист ортопед, со важност од пет години. Дополнително, судска одлука му овозможила враќање на деловниот простор кој претходно бил поврзан со неговата ординација.
Самиот Мраовиќ претходно изјавил дека не гледа ништо спорно во целата ситуација и тврди дека пронајдените коски биле користени во медицински цели, конкретно за планирање операции, без да наведе подетално на кој начин.










