Иранските сили интензивно трагаат по исчезнат американски пилот по соборување на еден од двата борбени авиони над територијата на Иран и Персискиот Залив, соопштија официјални извори од двете страни. Во меѓувреме, двајца други американски пилоти се спасени.
Инцидентот дополнително ги истакнува ризиците со кои се соочуваат американските и израелските авиони во регионот, додека конфликтот трае веќе шест недели. И покрај тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп и министерот за одбрана Пит Хегсет дека американските сили имаат целосна контрола врз воздушниот простор, на теренот ситуацијата останува сложена.
Според извештаите, американски борбен авион F-15E со две седишта бил соборен од ирански оган. Одделно, пилот од авион A-10 Вартог се катапултирал пред леталото да се урне во Кувајт. Неговиот статус, како и местото каде што се наоѓа исчезнатиот член на екипажот, засега не се познати.
Во операциите за пребарување биле вклучени и хеликоптери „Блек Хок“, кои исто така биле погодени од ирански оган, но успеале да се повлечат од воздушниот простор на Иран.
Исламска револуционерна гарда соопшти дека продолжува со пребарување во областите каде што се урнале леталата. Локалните власти, пак, најавиле награда за секој што ќе помогне во заробување или ликвидација на „непријателски сили“.
Дополнително, Иран информирал медијатори дека не е подготвен за средби со американски претставници во Исламабад, при што напорите за прекин на огнот, посредувани од Пакистан, се во застој.
Според податоци од американската Централна команда, досега во конфликтот загинале 13 американски војници, а над 300 се ранети. Во меѓувреме, нападите продолжуваат и врз инфраструктура во регионот, вклучително електрани, водоснабдување и логистички објекти во Кувајт, Саудиска Арабија и Абу Даби.
Напнатоста дополнително се одразува и врз глобалните пазари, каде што цените на суровата нафта забележаа раст од 11% поради неизвесноста и ескалацијата на конфликтот.










