Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан најави дека договорот меѓу Иран и Оман поврзан со Ормускиот Теснец ќе биде финализиран в понеделник, 14 септември.
Во интервју за „Индија тудеј“, дадено на маргините на самитот на БРИКС во Њу Делхи, Пезешкијан оцени дека односите меѓу Иран и Индија се унапредуваат. Тој истакна дека земјите членки на БРИКС треба дополнително да ја зајакнат независната соработка во областите на трговијата, инвестициите и регионалната безбедност.
Иранскиот претседател повторно нагласи дека неговата земја не започнала војна, туку, според неговите зборови, се брани од американската и израелската агресија.
Пезешкијан ги отфрли и тврдењата на американски официјални лица дека Иран развива нуклеарно оружје. Тој рече дека Техеран се придржува до Договорот за непреносување на нуклеарното оружје и дека е подготвен за дијалог во рамките на меѓународното право.
„Иран не бара војна, но нема да се предаде под притисок на санкциите“, порача Пезешкијан.









