Двајца државјани на Србија се уапсени во Хрватска поради сомнение дека во текот на летото ограбувале продавници и бензински пумпи во поширокото подрачје на Загреб, при што направиле материјална штета од околу 21.500 евра.
Загрепската полиција го завршила криминалистичкото истражување против 32-годишен и 38-годишен државјанин на Србија, за кои постои сомнение дека се договориле за извршување кривични дела и дека сториле 10 тешки кражби, од кои две останале во обид.
Првиот случај се случил во мај во Долго Село, каде 32-годишникот, кој и претходно ѝ бил познат на полицијата, во текот на ноќта провалил во продавница и украл цигари.
Но, тоа очигледно не му било доволно. Помалку од два часа подоцна повторно се вратил во истиот објект, повторно провалил и украл дополнителни количини цигари и други производи, по што избегал.
Полицијата утврдила дека двајцата подоцна се договориле заедно да ограбуваат продавници и бензински пумпи до почетокот на септември. Според истрагата, нивната цел биле објекти на подрачјето на Иваниќ-Град, Долго Село, Врбовец и Запрешиќ.
Планот, според полицијата, го реализирале во седум наврати. Во текот на ноќта пристигнувале до продавници и бензински пумпи, каде најчесто со употреба на соодветен алат, а поретко и со физичка сила, ги отворале влезните врати и краделе поголеми количини цигари и различни производи.
По извршените кражби, двајцата бегале од местото на настанот.
Вкупната материјална штета од кривичните дела, според загрепската полиција, изнесува околу 21.500 евра.
По завршувањето на криминалистичкото истражување, осомничените биле предадени на притворски надзорник, а посебен извештај бил доставен до надлежното државно обвинителство.








