Седумдесет и шестгодишна жена се наоѓа во тешка и животно загрозувачка состојба во Клиничкиот болнички центар во Сплит, откако за време на евакуацијата од подрачје на Брач загрозено од големиот пожар, според неофицијални информации, паднала од брод и почнала да се дави.
Жената е хоспитализирана на Одделот за интензивно лекување на Клиниката за белодробни заболувања во КБЦ Сплит, од каде што е потврдено дека нејзината состојба е животно загрозувачка.
Медицинска помош била потребна и за 27-годишен маж кој бил изложен на чадот од пожарот на Брач. По извршениот преглед и потребните анализи, лекарите процениле дека неговата состојба не бара хоспитализација, по што бил пуштен на домашно лекување.
Во текот на ноќта на Брач била спроведена голема спасувачка и евакуациска операција, при што жители и туристи биле извлекувани од подрачјата кои биле загрозени од огнената стихија.
Според првичните проценки на Капетанијата на пристаништата Сплит, околу 200 лица биле во непосредна опасност, меѓу кои имало деца, како и постари и немоќни лица. Спасувачките чамци на Капетанијата и нејзините испостави превезле 185 лица, додека со туристички бродови биле евакуирани уште околу 500 луѓе.
Поради големиот број луѓе кои се обидувале да се засолнат од огнот, во акцијата бил вклучен и бродот на Хрватската крајбрежна стража „Омиш“. На него биле прифатени и згрижени лицата евакуирани од заливот Осибова, а во спасувачката операција биле ставени на располагање и два брзи чамци од класата „Модруљ“.
По завршувањето на главниот дел од евакуацијата, припадниците на Сплитската капетанија продолжиле да го обиколуваат загрозениот дел од брегот на Брач и околното морско подрачје, проверувајќи дали има уште лица на кои им е потребна помош.







