Полицијата во северна Грција разби организирана криминална група која се занимавала со нелегално онлајн спортско обложување преку злоупотреба на туѓи кориснички профили на дигитални платформи, јавува „Екатимерини“.
Во рамки на полициската акција биле уапсени пет лица во Солун и во градот Килкис, под сомнение за учество во криминална организација, измама и перење пари.
Според истражните органи, уште 48 лица се опфатени со постапката и се сомничат дека на различен начин помагале во извршувањето на нелегалните активности.
Криминалната мрежа, според проценките, од декември 2025 година заработила најмалку 170.000 евра преку незаконски облози во живо на спортски настани, користејќи веќе регистрирани сметки на обложувалници.
Сопствениците на профилите, според истрагата, биле мотивирани со процент од добивката или еднократни исплати за отстапување на своите сметки.







