Иранската Револуционерна гарда соопшти дека во последните 24 часа низ Ормускиот Теснец поминале 33 трговски и нафтени бродови, откако добиле одобрение и безбедносна координација од нивните поморски сили.
Според државната агенција Фарс, меѓу бродовите имало танкери, контејнерски и други товарни пловила, кои добиле дозвола за безбедно минување низ овој стратешки воден пат.
Информациите доаѓаат во контекст на изјави од ирански извори дека Ормускиот Теснец повторно е отворен, но дека пловидбата бара координација со властите во Иран.
Од американска страна, претседателот Доналд Трамп изјави дека теснецот „ќе биде отворен“ како дел од договор меѓу Вашингтон и Техеран, без да наведе детали за целосната нормализација на сообраќајот.
Иранските медиуми, вклучително и агенцијата Тасним, наведуваат дека условите за пловидба остануваат променети и дека Техеран ќе продолжи да ја контролира безбедноста и режимот на движење низ теснецот.
Во меѓувреме, се појавија информации дека десетици бродови чекаат дозвола за влез, што укажува на сè уште ограничен поморски сообраќај во регионот.







