Во завршна фаза се подготовките за измени на Законот за основно образование со кои државата планира значително да ја зголеми одговорноста на родителите за однесувањето на нивните деца во училиштата.
Според најавите од Министерството за образование и наука, новото законско решение предвидува финансиска санкција за секој утврден случај на насилство извршен од ученик. Казната би изнесувала околу 250 евра, а обврската за плаќање би паѓала на родителите или старателите на детето.
Министерката Весна Јаневска посочи дека подготовките за измените се во финална фаза и дека државниот секретар е во континуирана комуникација со пратениците во Собранието за дооформување на текстот на законот, по што тој ќе биде ставен во собраниска процедура.
Предложената мерка, како што се наведува, нема да се однесува само на изолирани случаи, туку и во ситуации кога родителите одбиваат соработка со училиштето или со надлежните институции во процесот на решавање на проблемите со насилството.
Со овој пристап, институциите очекуваат да се зголеми вклученоста на семејствата во воспитниот процес и да се намали училишното насилство преку построги правила, јасна одговорност и директни последици за пропустите во воспитувањето и надзорот.







