Европската унија во изминатите години спроведува голема промена на начинот на кој се контролираат границите, преку два различни, но меѓусебно поврзани системи – ЕЕС (Entry/Exit System) и ЕТИАС (European Travel Information and Authorisation System).
За граѓаните на Северна Македонија, кои можат да патуваат без виза во Шенген-зоната за кратки престои, промените значат дека дел од граничните процедури веќе се дигитализирани, додека за ЕТИАС сè уште ќе треба да се почека.
ЕЕС започна постепено да се воведува на 12 октомври 2025 година, а од 10 април 2026 година стана целосно оперативен на сите гранични премини во 29 европски земји што го применуваат.
Новиот систем ги заменува традиционалните печати во пасошите со дигитална регистрација на влезовите и излезите од Шенген-зоната, како и на одбиените влезови. Се однесува на државјани на трети земји кои патуваат на краток престој, односно до 90 дена во период од 180 дена.
При преминување на границата се регистрираат податоци од патната исправа, како и биометриски податоци – фотографија на лицето и отпечатоци од прсти. Системот го бележи и датумот и местото на влез или излез, со цел полесно следење на дозволениот период на престој.
Според Европската комисија, целта е автоматски да се откриваат лицата кои го надминуваат дозволениот престој, да се спречува нерегуларната миграција и полесно да се идентификуваат фалсификувани или злоупотребени патни документи.
Досегашната примена, сепак, не поминала без проблеми. Според официјалните податоци, ЕЕС регистрирал повеќе од 45 милиони гранични премини, додека над 24.000 лица биле одбиени за влез поради неоправдана цел на посетата или поради истечени или фалсификувани документи.
На одредени гранични премини и аеродроми имало и технички проблеми. Аеродромот во Лисабон во декември 2025 година привремено го суспендирал системот поради проблеми со автоматските порти, а португалските власти дополнително ангажирале 24 гранични службеници за да помогнат во контролите.
Во Франција, пак, автоматските порти со препознавање на лицето сè уште не ги обработуваат американските и британските пасоши. На земјите-членки им е дозволено привремено да го ограничат користењето на системот во одредени периоди, со цел да се намалат гужвите и долгото чекање на границите.
ЕТИАС е различен од ЕЕС. Тој нема да биде систем за регистрација на границата, туку задолжителна претходна онлајн дозвола за патување за државјани на земји чии граѓани се ослободени од визи, меѓу кои е и Северна Македонија.
Слично како американскиот ESTA или британскиот ETA, ЕТИАС ќе бара патникот да поднесе електронска апликација пред патувањето. Системот првично требаше да биде воведен во 2021 година, но неговото пуштање во употреба неколкупати беше одложувано.
До неодамна како рок се наведуваше последниот квартал од 2026 година. Сепак, во јули 2026 година „Financial Times“ објави дека агенцијата ЕУ-ЛИСА, задолжена за развојот на системот, смета дека неговото воведување во текот на оваа година повеќе не е реално. По тоа, од официјалната интернет-страница на ЕТИАС беше отстранет конкретниот датум и сега се наведува само дека системот сè уште не е во функција.
Кога конечно ќе биде воведен, македонските граѓани ќе треба однапред да поднесат онлајн апликација. Според актуелно објавените информации, надоместокот ќе изнесува 20 евра по лице, додека одобрената дозвола ќе важи до три години или до истекот на патната исправа, зависно од тоа што ќе настапи прво.
ЕТИАС треба да се применува во 30 европски земји.
За македонските граѓани, во моментов најважно е што ЕЕС веќе се применува, па при патување во Шенген-зоната повеќе не треба да се очекува класично печатење на пасошот при секое влегување и излегување. На границата се регистрираат биометриските податоци и се евидентира престојот.
ЕТИАС, пак, сè уште не е активен, што значи дека македонските граѓани во моментов не треба да поднесуваат таква апликација ниту да плаќаат надоместок за него. Европската комисија најавува дека точниот датум на воведување ќе биде соопштен однапред, а новата временска рамка се очекува по состанокот на управниот одбор на ЕУ-ЛИСА во септември 2026 година.









