Иран и Пакистан доставиле ревидиран предлог до Соединетите Американски Држави со цел да се стави крај на воениот конфликт и повторно да се отвори Ормускиот теснец, пренесуваат пакистански извори запознаени со преговорите.
Според нивните информации, Вашингтон треба да одговори на предлогот најдоцна до недела, додека дипломатските контакти меѓу страните продолжуваат во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан порача дека Техеран во разговорите со САД бара исклучиво почитување на своите легитимни права, но нагласи дека претходните искуства со американската страна ја наметнуваат потребата од голема претпазливост во процесот на преговори.
За време на средбата со командантот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир, Пезешкијан се заблагодарил за напорите на Пакистан насочени кон зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека шансите за постигнување договор со Иран или за дополнителна воена ескалација се „50:50“.
Според новинарот Барак Равид од порталот „Аксиос“, Трамп најавил дека до утре би можел да донесе одлука дали САД ќе продолжат со воените активности против Иран.









