Властите од 15 земји спроведоа заедничка акција во која беше разбиена криминална група обвинета за масовни измами преку продажба на лажни додатоци во исхраната и „лекови“ за сериозни болести низ Европа и пошироко.
Акцијата, спроведена на 12 мај, резултирала со заплени, апсења и собирање клучни докази, при што дел од главните членови на мрежата биле приведени, соопшти агенцијата на ЕУ Евроџаст.
Според истрагата, криминалната група остварила најмалку 240 милиони евра приход преку измамничка шема која функционирала од 2019 година.
Властите извршиле претреси на 113 локации во неколку европски земји, меѓу кои Бугарија, Грција, Унгарија, Полска, Романија и Молдавија, а дополнително биле побарани докази и од компании во уште осум држави. Досега се сослушани 23 сведоци.
Во Грција била извршена рација во логистичка компанија во регионот Атика, додека во Полска биле замрзнати средства во вредност од 1,8 милиони евра.
Мрежата преку фиктивни компании продавала повеќе од 400 различни „додатоци“, користејќи стотици веб-страници и профили на социјални мрежи. Во кампањите биле злоупотребувани имиња и фотографии на познати личности и лажни медицински експерти.
Жртвите најчесто биле привлечени преку интернет-формулари, по што биле контактирани од кол-центри чии оператори се претставувале како лекари и давале лажни дијагнози и препораки.
Истрагата утврдила дека овие производи немале никаков медицински ефект и често содржеле слични или исти состојки, и покрај тоа што биле рекламирани како „револуционерни лекови“ за тешки и неизлечиви болести.










