Голема измама го потресе Скопје, откако 83-годишна пензионерка им подлегнала на зборовите на непознат маж кој ѝ се претставил како доктор и ја убедил дека нејзината ќерка имала тешка сообраќајна несреќа и итно ѝ е потребна скапа операција.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје на 25 јуни, околу 18:30 часот. Измамникот ѝ се јавил телефонски, смислено ја исплашил и ја натерал да поверува дека животот на нејзината ќерка зависи од итна хируршка интервенција.
Исплашена и без да се посомнева, жената се договорила со човек на околу 60-годишна возраст, кој дошол директно до нејзиниот дом и ги зел парите – цели 30.000 евра.
Кога конечно стапила во контакт со ќерка ѝ и сфатила дека е жива и здрава, било предоцна – измамникот исчезнал.
Од МВР информираат дека работат на целосно расчистување на случајот и откривање на сторителот. Властите уште еднаш апелираат до граѓаните, особено постарите лица, да бидат внимателни и да не веруваат на вакви телефонски повици без проверка.