Украина и Русија денеска реализираа нова размена на воени заробеници, како дел од договорот постигнат на почетокот на јуни во Истанбул. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека се вратиле борци од армијата, Националната гарда и граничната служба, објавувајќи и видео од емотивниот момент на нивното пристигнување. Тој не соопшти точна бројка, но наведе дека повеќето биле заробени уште во 2022 година, на почетокот на руската инвазија.
Руското Министерство за одбрана исто така ја потврди размената, која се случила на границата меѓу Украина и Белорусија, но и тие не открија бројки.
Договорот од Истанбул предвидува размена на заробеници под 25 години и лица со тешки повреди или болести. Од почетокот на јуни, ова е седма таква операција. Според претседателот Путин, досега биле разменети над 900 воени заробеници од двете страни.
Воениот конфликт меѓу Русија и Украина започна во февруари 2022 година и сè уште трае.