Северна Кореја лансирала околу десет балистички ракети кон Источното, односно Јапонското Море, во демонстрација на воена моќ во време кога САД и Јужна Кореја ги одржуваат годишните заеднички воени вежби „Штит на слободата“.
Според информациите од јужнокорејската војска, ракетите биле истрелани од подрачје во близина на главниот град Пјонгјанг. Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека проектилите паднале надвор од јапонската ексклузивна економска зона.
Здружениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека вооружените сили ја зголемиле борбената подготвеност и внимателно ја следат ситуацијата поради можноста за нови лансирања, во координација со САД и Јапонија.
Лансирањето на ракетите следува откако Ким Јо Џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, остро ги критикуваше заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја, предупредувајќи на „страшни последици“ за безбедноста на Северна Кореја.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Северна Кореја ги осуди американските и израелските напади врз Иран и изрази поддршка за иранското раководство.
Воената вежба „Штит на слободата“ ќе трае до 19 март и има за цел да ги тестира оперативните способности на сојузничките сили преку различни симулации и безбедносни сценарија. Северна Кореја и понатаму ги одбива повиците за дијалог за својата нуклеарна програма, додека воедно ги зајакнува односите со Русија и учествува во активности поврзани со војната во Украина.
Извор: Скопје1.мк


















