Започнува имплементацијата на законското решение за формирање на Инспекторат за употреба на македонскиот литературен јазик, со цел зајакнување на неговата правилна употреба во институциите и јавниот простор.
Министерот за култура и туризам, Zoran Ljutkov, во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ појасни дека се работи за сложен процес кој бара серија системски чекори за новото тело целосно да профункционира.
Според најавите, новото законско решение предвидува секоја институција да биде обврзана да има вработен лектор во своите редови, со што ќе се врати институционалната грижа за јазичната норма.
Инспекторатот, како што е предвидено, нема да функционира како посебен правен субјект, туку ќе биде директно дел од Министерството за култура и туризам. Веќе е назначен директор и изработена е систематизација, а објавен е и конкурс за вработување лектори, за кој, според министерот, постои голем интерес.
Избраните лектори ќе поминат најмалку едногодишна обука пред да можат да станат инспектори кои ќе работат на терен и ќе ја контролираат правилната употреба на македонскиот литературен јазик.
Министерот истакна дека лекторството со години било запоставено, иако претставува една од клучните професии за зачувување на јазичниот стандард. Тој потсети дека порано лектори редовно биле присутни во институциите и театрите, каде се грижеле за правилен говор и изговор.
Според него, со текот на времето многу од овие позиции се укинати, што довело до тоа голем број институции, медиуми и културни установи да останат без стручна јазична контрола. Со новиот систем се очекува оваа пракса да се врати и да се зајакне употребата на стандардниот јазик во јавната комуникација.








