ПРВ.мк
Топ Вести

ВНИМАВАЈТЕ ВОЗАЧИ: Нови сообраќајни правила во Грција - поради ова може и возачката да ви ја одземат!

ВНИМАВАЈТЕ ВОЗАЧИ: Нови сообраќајни правила во Грција - поради ова може и возачката да ви ја одземат!

Грција од 1 јануари 2026 година воведе значително построги сообраќајни правила, со што секоја туристичка посета може да се претвори во сериозен финансиски ризик доколку не се почитуваат новите прописи. Според новите мерки, казните не се само повисоки, туку се применува и построга политика на одземање на возачки дозволи и регистарски таблички, што во пракса може да значи дека возилото останува „задржано“ во Грција.

Една од најголемите промени е укинувањето на попустот од 50 проценти при брзо плаќање на казната. Сега, секој прекршок се наплатува во полн износ, а во многу случаи полицијата веднаш на лице место ги одзема табличките од возилото, што дополнително ги комплицира ситуациите за странските возачи.

ПУШЕЊЕ ВО АВТОМОБИЛ – ЕДНА ОД НАЈСКАПИТЕ ГРЕШКИ

Една од најстрого казнуваните ситуации е пушењето во автомобил доколку во него има дете помало од 12 години. Во таков случај казната изнесува 1.500 евра. Ако се пуши во такси или во возило за јавен превоз, казната може да достигне до 3.000 евра. Дополнително, следува и одземање на возачката дозвола на еден месец.

БЕЗБЕДНОСНИ ПОЈАСИ И ДЕТСКИ СЕДИШТА – КАЗНИ ЗА СЕКОЈ ПАТНИК

Новите правила предвидуваат дека одговорноста не е само индивидуална. Доколку патник не носи безбедносен појас, казната изнесува 150 евра по лице, а истата сума ја плаќа и возачот. За деца до 12 години или до 135 сантиметри висина, задолжително е користење детско седиште, а непочитувањето носи казна од 350 евра.

ВОЗЕЊЕ ВО ПАПУЧИ – НЕОЧЕКУВАНО СКАПО ПРЕКРШУВАЊЕ

Иако делува невообичаено, грчките власти строго санкционираат возење со обувки кои не се фиксирани за стапалото. За ваков прекршок предвидена е казна од 50 евра.

ЦРВЕНО СВЕТЛО, STOP ЗНАЦИ И МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН – НАЈВИСОКИ КАЗНИ

Минувањето на црвено светло се казнува со 700 евра, одземање на возачката дозвола на 60 дена и табличките на 20 дена. Иста казна важи и за непочитување на STOP знак. Користење мобилен телефон без hands-free систем носи казна од 350 евра и одземање дозвола на 30 дена.

ПАРКИРАЊЕ НА МЕСТА ЗА ИНВАЛИДИ – НАЈТЕШКА КАЗНА ДОСЕГА

Паркирањето на места резервирани за лица со попреченост се казнува со 1.000 евра и одземање на возачката дозвола на 180 дена, што е една од најстрогите мерки во новиот закон.

ЗАОСТРЕНИ ПРАВИЛА И ЗА ПОВТОРНИ ПРЕКРШОЦИ

Од 2026 година дополнително се заоструваат санкциите за повторени прекршоци. Трет пат сторен ист прекршок може да резултира со одземање на возачката дозвола и до осум години, што значително го менува пристапот кон сообраќајната контрола во земјата.