ПРВ.мк
Топ Вести

ИСТОРИСКИ РЕКОРД: Аеродромот достигна бројка што никогаш не била постигната!

ИСТОРИСКИ РЕКОРД: Аеродромот достигна бројка што никогаш не била постигната!
Kristal

Меѓународниот аеродром „Скопје“ денеска ја запиша најважната бројка во своето постоење – преку неговите капии помина тримилионитиот патник во една календарска година, што е апсолутен рекорд во историјата на македонскиот авиосообраќај.

Овој значаен момент беше одбележан со свечена церемонија на која присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и раководството на ТАВ Македонија. Среќната патничка Милена Таскова, на летот Скопје – Бари, го понесе историскиот статус на тримилионит патник.

Николоски истакна дека скопскиот аеродром веќе прераснува во регионален центар, со континуиран раст на бројот на патници, засилена туристичка динамика и подобрени бизнис-врски.

Според него, ваков развој бил незамислив пред само неколку децении, а денешниот резултат ја покажува насоката во која се движи македонското воздухопловство.

Министерот соопшти дека од септември минатата година досега се воведени рекордни 21 нова дестинација на скопскиот и охридскиот аеродром – повеќе отколку што вовела која било земја во регионот во овој период.

Дополнително, Николоски најави нов бран на авиолинии што стартуваат следната година: – од 6 април: Скопје – Наполи и Скопје – Будимпешта – од 28 јуни: Охрид – Катовице, Охрид – Вроцлав, Охрид – Милано – повторно ќе стартува и редовната линија Охрид – Виена од „Аустриан ерлајнс“

На свеченоста, ТАВ Македонија ѝ додели на Таскова бесплатни аеродромски услуги од своите сестрински компании, како и два бесплатни авиобилета од „Визер“.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, потсети на огромниот напредок во последните 15 години. Во 2010 година аеродромот работел со 674.000 патници, во 2014 го достигнал првиот милион, во 2018 вториот, а денес – рекордниот трет милион.

Со денешниот историски пресврт, скопскиот аеродром се позиционира како едно од најдинамичните воздушни јадра во регионот, поставувајќи нови стандарди за идниот развој на македонскиот транспорт и туризам.

FixCredit
Escape