Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно ја отфрли тезата за наводни мигрантски кампови во Македонија и најави цврсти мерки против сите кои, според него, намерно шират страв и манипулации во јавноста. Изјавата ја даде при поставувањето камен-темелник за нова спортска сала во скопско Ново Село.
Мицкоски соопшти дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ следната недела ќе поднесат иницијатива до општинските совети – документ со кој ќе се гарантира дека на територијата на нивните општини нема да се формираат мигрантски кампови.
Тој подвлече дека ширењето лажна паника за вакви кампови претставува кривично дело: „Ќе побараме од надлежните институции согласно Кривичниот законик да поведат процеси против сите кои што сеат страв и паника, и покрај јавно изнесените деманти од Владата.“
Премиерот нагласи дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш била јасна и дека партијата има цврст став против нелегалната миграција. Според него, шпекулациите за мигрантски кампови биле „исконструирани и бесполезни“ за опозицијата.
„Не знам кој ги насанка на оваа тема. Самите тие гласале за изградба на прифатни центри во минатото, а сега манипулираат со друга приказна. Темелните вредности на ВМРО-ДПМНЕ се познати – антиемигрантска политика. Таква работа ниту ќе се случи, ниту има план“, истакна Мицкоски.
Како дополнителен аргумент, тој посочи на изјавата од, како што рече, „единствениот официјален извор“ – Британската амбасада – која веќе демантирала дека постои договор за мигрантски кампови.
Мицкоски најави и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе побара институциите да покренат процеси против сите кои, и покрај владините деманти, продолжуваат да шират паника: „Од моментот кога ќе добиете официјален демант од премиерот, министерствата за внатрешни и надворешни работи, продолжувањето со таква кампања е свесно ширење страв. Тоа е казниво.“
Премиерот додаде дека граѓаните се збунети и со право поставуваат прашања, бидејќи темата намерно се држи активна и покрај официјалните појаснувања.
Во заклучок, Мицкоски изјави дека напролет ќе биде јасно дека никакви мигранти од било какви договори нема да пристигнат во земјата. „Јас реков – трајно ја напуштам политиката ако најдат мигрант кој е дел од некаков договор со Велика Британија“, порача тој, додавајќи дека опозицијата веќе „му ги брои последните години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ“.















