Иран постави повеќе услови за евентуално прекинување на конфликтот со САД и Израел, меѓу кои како клучен елемент го истакнува почитувањето на неговото право на цивилна употреба на нуклеарна енергија. Ова го соопшти дипломатски извор од Исламската Република, пренесен од руски медиуми.
Според истиот извор, Иран не бара само прекин на огнот, туку траен мир во регионот. Во условите се вклучени и осуда на, како што ја нарекуваат, агресијата, исплата на воени репарации за причинетата материјална штета, како и укинување на сите санкции против земјата.
Дополнително, Техеран инсистира на признавање на неговото право на мирна и цивилна употреба на нуклеарната енергија. Властите нагласуваат дека досегашното искуство со примирја не било задоволително и затоа бараат поширок и долгорочен договор.
Истиот извор посочува дека од почетокот на актуелниот конфликт не се воделе директни преговори меѓу Техеран и Вашингтон, иако постојат сигнали дека американската страна покажува интерес за дијалог. Кон крајот на март, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговори веќе започнале, но иранското Министерство за надворешни работи го негираше тоа, истакнувајќи дека нема директен дијалог, туку само индиректни пораки преку посредници.
Според извештаи, Иран има поставено повеќе дополнителни услови, меѓу кои гаранции дека војната нема да се повтори и меѓународно признавање на неговата контрола врз Ормускиот Теснец.
Во меѓувреме, САД го зголемуваат своето воено присуство на Блискиот Исток. Американски официјални лица најавуваат можност за засилени воени акции, а министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека не се исклучува ниту копнена операција.










