Полицијата на Нов Зеланд објави необичен, но успешно разрешен случај – бил пронајден дијамантски приврзок вреден речиси 33.500 новозеландски долари, кој 32-годишен маж го проголтал во обид да го украде. Скапоценото јајце „Фаберже“ било извадено на природен начин, без потреба од медицинска интервенција.
Инцидентот се случил пред околу една недела во луксузната продавница „Partridge Jewellers“, во центарот на Окланд. Само неколку минути по кражбата, полицијата го привела осомничениот, кој го проголтал приврзокот за да го скрие од вработените.
Скапоценото минијатурно дело – проценето на 33.585 новозеландски долари (околу 19.300 американски долари) – е украсено со 60 бели дијаманти и 15 сини сафири. Според описот на продавачката, јајцето се отвора и открива минијатурен октопод изработен од 18-каратно злато. Приврзокот го носи името „Octopussy“, инспириран од култниот филм за Џејмс Бонд од 1983 година.
По апсењето, мажот бил под постојан полициски и лекарски надзор, согласно стандардните процедури за притворени лица во вакви околности. Полицијата истакна дека одговорност е да се следи неговата здравствена состојба сè додека предметот не биде повратен.
Осомничениот повторно треба да се појави пред суд на 8 декември, каде што ќе се соочи со обвинение за кражба. Судските записи покажуваат дека ова не му е единствен прекршок – се товари и за претходна кражба на „iPod“ од истата продавница на 12 ноември, како и за кражба на песок за мачки и средство против бубачки од приватен имот, следниот ден.
Од „Partridge Jewellers“ информираа дека приврзокот ќе биде вратен на реномираната куќа „Fabergé“, еден од најпознатите светски брендови за луксузен накит, основан пред повеќе од два века и прочуен по своите уникатни украсни јајца изработени од скапоцени материјали.
















