Во Романија се случи тешка сообраќајна несреќа кога 55-годишен возач на „мерцедес“ ја изгуби контролата врз автомобилот и буквално прелета над две возила на кружен тек.
На видеата кои кружат на социјалните мрежи се гледа дека автомобилот возел со голема брзина, ја пресекол кружницата и „полетал“ над другите возила, пред да удри во столб на надзорна камера и да застане на зелена површина покрај блиска бензинска пумпа.
Возачот останал заробен во автомобилот, но спасувачите успеале да го извлечат. Тој претрпел полесни повреди и бил однесен во болница на контрола, без потреба од хоспитализација.
Тестовите покажале дека не консумирал алкохол или дрога. Според истрагата, причина за несреќата била дијабетска криза која го спречила да реагира додека возел.

















