Холандска управа за заштита на податоци изрече казна од 100 милиони евра против компанијата МЛУ, која управува со апликацијата за превоз Yango, по обвинувања за нелегален пренос на лични податоци на корисници кон Русија.
Според регулаторот, МЛУ — холандска подружница на руската технолошка група Yandex — наводно пренесувала чувствителни податоци на корисници од Норвешка и Финска кон сервери лоцирани во Русија, без соодветна правна и техничка заштита според европските стандарди.
Меѓу податоците кои биле предмет на истрагата се наведуваат скенирани возачки дозволи, домашни адреси, како и прецизни податоци за локацијата на корисниците и возачите во реално време.
Холандските власти оценуваат дека ваквиот начин на обработка и трансфер на податоци не е во согласност со строгите правила за приватност во Европската Унија, кои регулираат како и каде може да се чуваат лични информации на граѓаните.
Од компанијата МЛУ ги отфрлија наводите и најавија жалба, тврдејќи дека сите податоци биле складирани во рамки на Европската Унија и во шифрирана форма, со што, според нив, била обезбедена потребната заштита.
Случајот дополнително ги засилува европските сомнежи околу работењето на „Јандекс“, која со години е под лупа поради потенцијални врски со руските државни структури и начинот на управување со податоци на корисниците.









