Градоначалникот на Сплит, Томислав Шута, најави воведување забрана за продажба на алкохолни пијалаци во ноќните часови, потег што според локалните власти треба значително да ја подобри безбедноста, јавниот ред и квалитетот на живот во градот.
Според најавениот предлог, продажбата на алкохол би била забранета од 21:00 часот навечер до 06:00 часот наутро, а законските измени што ги побарал Град Сплит веќе следната недела ќе се најдат пред хрватскиот парламент.
„Според предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија ќе биде воведена забрана за продажба на алкохол од 21 часот до шест часот наутро, што значи дека секој град и општина ќе има право да донесе таква одлука. Ние тој предлог ќе го испратиме на јавна расправа, а потоа и до Градскиот совет“, изјави Шута.
Тој нагласи дека главната цел е зголемување на сигурноста на граѓаните, намалување на нарушувањето на јавниот ред и мир, како и создавање поквалитетни услови за живот во урбаните населби.
„Тоа ќе биде голем исчекор за Сплит, а гледаме дека и другите градови ќе постапат слично“, порача градоначалникот.
Шута посочи дека во последните години во централното градско подрачје значително се зголемил бројот на продавници што продаваат алкохол, што според него станува сериозен урбан и безбедносен проблем. Доколку измените бидат усвоени, Сплит би можел да стане еден од првите хрватски градови со ваков строг ноќен режим за продажба на алкохол.








