ПРВ.мк
Топ Вести

Крушево добива уште две нови полетувалишта за параглајдинг - еве кога ќе бидат подготвени за посетителите!

Крушево добива уште две нови полетувалишта за параглајдинг - еве кога ќе бидат подготвени за посетителите!

По комплетната обнова на полетувалиштето на Мечкин Камен, Крушево оваа сезона влегува во нова фаза на развој на параглајдинг туризмот со изградба на уште две нови полетувалишта на локацијата Црн Врв. Со ова значително се зголемува капацитетот за спортот кој сè повеќе го позиционира градот како една од водечките дестинации за параглајдинг во регионот.

Целиот проект се реализира во рамки на програмата за прекугранична соработка со Елбасан и има вкупна вредност од 830.000 евра, обезбедени од Европската Унија. Според најавите, новите стартни позиции ќе се протегаат на површина од околу 2.000 квадратни метри и треба да бидат целосно завршени до август.

Овој рок е особено значаен бидејќи токму тогаш Крушево ќе биде домаќин на европското и светското јуниорско првенство во параглајдинг, што дополнително ја зголемува важноста на инвестицијата.

е

Од Општината посочуваат дека новите полетувалишта ќе помогнат да се надмине проблемот со недостиг на простор за време на големите спортски настани. Досега, во услови на зголемен број натпреварувачи, дел од параглајдеристите останувале без можност за полетување, што создаваше организациски тешкотии.

Со новите капацитети се очекува значително подобрување на протокот на натпреварувачи и поефикасна организација на меѓународните натпревари.

Покрај параглајдинг инфраструктурата, проектот опфаќа и уредување на спортско-рекреативниот центар на Гумење, каде е планирана изградба на нов модерен рекреативен парк.

Ова дополнително треба да ја збогати туристичката понуда на Крушево и да создаде нови содржини за посетителите во текот на целата година.

Градоначалникот Нико Чонески изрази очекување за исклучително успешна туристичка и спортска сезона, нагласувајќи дека параглајдингот има клучна улога во развојот на туризмот и препознатливоста на Крушево како атрактивна дестинација за авантуристички спортови.