Силните снежни врнежи што од изминатата ноќ ги зафатија Белгија и Холандија предизвикаа сериозен сообраќаен колапс, со километарски колони на патиштата и масовни прекини во авио и железничкиот сообраќај.
Во Белгија, снегот формираше покривка од неколку сантиметри, што доведе до речиси парализа на патниот сообраќај за време на утринскиот шпиц. Белгиските медиуми јавуваат дека колоните возила достигнале вкупна должина од околу 800 километри, при што возачите се движеле со минимална брзина поради снегот и мразот на коловозите.

Авиосообраќајот исто така претрпе сериозен удар. На аеродромот „Зевентем“ во Брисел беа откажани околу 40 летови – и полетувања и слетувања – а стотици патници беа принудени ноќта да ја поминат во аеродромската зграда. Аеродромските служби соопштија дека интензивно работат на расчистување на пистите и авионите од снег и мраз.
Белгискиот Кралски метеоролошки институт прогласи портокалов метеоаларм за целата земја, предупредувајќи на опасна голомразица под снежната покривка, особено во централните и источните региони.

Слична слика и во Холандија. Патиштата се блокирани, возови се откажуваат, а во дел од градовите јавниот автобуски превоз е целосно во прекин. На амстердамскиот аеродром Схипхол беа откажани најмалку 800 летови, поради што над илјада патници останале заглавени во аеродромскиот комплекс.
Холандските власти исто така прогласија портокалов аларм и им препорачаа на граѓаните, каде што е можно, да работат од дома додека временските услови не се стабилизираат.
















