Украинскиот претседател Володимир Зеленски и полскиот премиер Доналд Туск денеска остварија телефонски разговор во кој разговараа за повеќе актуелни теми, меѓу кои парламентарните избори во Полска, текот на војната во Украина и напредокот на Украина во пристапните преговори со Европската Унија.
Преку објава на својот канал на Телеграм, Зеленски истакна дека е од клучно значење Полска и понатаму да остане доверлив партнер и пријател на Украина.
„Нашата безбедност, пред сè, зависи од нашето единство, заеднички став и координирани чекори“, напиша Зеленски, пренесува украинскиот јавен сервис Suspilne.
Украинскиот претседател го информирал Туск и за неодамнешните разговори што ги водел со американскиот претседател Доналд Трамп и со европските лидери во понеделникот.
„Разговаравме за подготовка на следните чекори. Притисокот врз Русија мора да биде конкретен и јасен одговор на продолжувањето на војната“, нагласи тој.
Зеленски и Туск, според објавата, усогласиле заеднички ставови и околу отворањето на првите преговарачки кластери во рамки на полското претседателство со Советот на ЕУ.
„Украина ги исполни сите критериуми за отпочнување на преговорите и тоа го заслужува“, додаде украинскиот лидер.
Зеленски му се заблагодари на Туск за неговата поддршка и за подготвеноста на Полска активно да придонесе во процесот на европска интеграција на Украина.
Претходно, украинскиот претседател ја повика Европската Унија да го забрза процесот на отворање на преговарачките кластери, оценувајќи дека “одлуките кои се од интерес на целиот континент не смеат да бидат заложници на политиките на една единствена членка”.
Оваа изјава доаѓа по блокадата што ја воведе Унгарија, која од почетокот на 2025 година се противи на отворањето на кластери во преговорите за пристапување на Украина во ЕУ. Будимпешта смета дека украинското членство би претставувало „терет како за Унијата, така и за Унгарија“.