Зеленски: Русија со секој напад го саботира патот кон примирје
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска остро ја осуди најновата серија руски напади со дронови и балистички ракети, оценувајќи ги како уште еден доказ дека Москва нема намера да го поддржи постигнувањето на мировен договор и дека продолжува да го саботира патот кон примирје.
„Имавме тешка ноќ низ цела Украина. Секој ваков напад му покажува на светот зошто Русија го продолжува војувањето. Тоа е јасна демонстрација на нивната намера да го блокираат секој обид за мир“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Телеграм.
Тој подвлече дека единствениот начин да се принуди Москва да седне на преговарачка маса е преку заострување на санкциите кон клучните сектори на руската економија.
Нападот, што се случил во текот на ноќта, резултирал со 15 повредени лица во Киев, според утринските извештаи на украинските власти. Станува збор за масовна офанзива со беспилотни летала, кои, според официјалните податоци, целеле кон цивилни и инфраструктурни објекти.
Украинското раководство повторно апелира до меѓународната заедница за посилна поддршка и поенергичен одговор на постојаните руски напади.