ПРВ.мк

Македонците во Албанија го одбележаа Денот на светите Кирил и Методиј

Македонците во Албанија го одбележаа Денот на светите Кирил и Методиј
Vero

Македонската заедница во Албанија, предводена од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), го одбележа Денот на сесловенските просветители – светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и култура.

Настанот, организиран во соработка со здруженијата на Македонците со потекло од Егејска Македонија, се одржа во музејот „Стерјо Спасе“ во село Глобочани, каде присутните оддадоа почит на големото дело на солунските браќа.

Претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, во своето обраќање подвлече дека светите Кирил и Методиј претставуваат столбови на македонската и словенската писменост и култура.

– Делото на светите браќа е темел на нашиот јазик, култура и идентитет. Македонците од Албанија сме горди наследници на нивната мисија и решени сме да го чуваме и пренесуваме нашето културно наследство, порача Стерјовски.

Тој додаде дека ваквите настани се потсетник за заедничката одговорност да се негува македонскиот јазик и идентитет преку границите.

– Оваа манифестација не е само одбележување на една важна дата, туку и потврда на нашата определба за заедништво и зачувување на националната свест, рече претседателот на МАЕИ.

Во својот говор, Стерјовски се осврна и на тешката судбина на Македонците од Егејска Македонија, особено во контекст на грчката граѓанска војна од 1946 до 1949 година.

– Страдањата на Македонците од Егејот не смеат да бидат заборавени. Поддршката на нивната борба за основни човекови и национални права е наша морална обврска, нагласи тој.

На крајот од своето обраќање, Стерјовски упати порака за единство и истрајност.

– Историјата е наш учител. Да учиме од неа и да не дозволиме болните страници да се повторуваат. Честит да е и за многу години Денот на македонските и сесловенските просветители, посака тој.

Настанот продолжи со богата културна програма, вклучувајќи читања од македонски автори и изведба на традиционални македонски песни, како знак на почит и продолжување на просветителското наследство.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран