Борча под вода: Жителите со душеци и гуми за пливање низ улиците
Силно невреме вчера го погоди Белград, а населбата Борча и утрово е под вода. Автомобилите и автобусите со мака се движат, додека жителите, револтирани поради долгогодишниот проблем со поплави, излегоа на улица со душеци, пешкири и гуми — како на плажа.
„Вака утрово изгледа Борча по синоќешниот дожд. Улиците се како базени, граѓаните со гуми за пливање“, објави профилот 192 на платформата X, споделувајќи фотографии од необичната сцена.
Коментарите на социјалните мрежи се полни со сарказам:
„Борча е посебна цивилизација на Балканот, за 5.000 години ќе биде предмет на истражување“, „Борча има море“, или „Не ни треба излез на море – Вучиќ ни даде море. Благодариме, Вучиќ“.
Иако хуморот доминира, проблемот е сериозен. Жителите велат дека ова се повторува по секој пороен дожд. „Се чувствуваме како граѓани од втор ред“, вели една сограѓанка, на која ѝ се изгаснал автомобилот во вода.
Горан Плавшиќ изјави дека институциите велат оти одводот „е функционален од 1 март“, но реалноста говори спротивно. „Гледаме како изгледа таа ’функционалност‘“, додава тој.
Поплави имаше и во други делови на градот — во Кумодраж се слеваа водопади, а во Текеришка улица се појави дупка. Во Вождовац беше поплавено училиште, па учениците беа испратени дома порано.