Претседателот на САД, Доналд Трамп, остро ја нападна нигериската влада, обвинувајќи ја за „злосторства против христијаните“ и најавувајќи можни воени дејствија доколку, како што рече, Абуџа не преземе конкретни мерки.
„Доколку нигериската влада продолжи да дозволува убиства на христијани, САД веднаш ќе ја суспендираат целата помош за Нигерија и може многу лесно да влезат во таа посрамотена земја, пукајќи со оружје, за целосно да ги уништат исламските терористи“, напиша Трамп на својата мрежа Truth Social.
Тој откри дека веќе му наредил на Воениот оддел на САД да се подготви за можна акција, потенцирајќи дека „доколку дојде до напад, тој ќе биде брз, свиреп и одлучен“.
Оваа изјава следи по реакцијата на нигерискиот претседател Бола Ахмед Тинубу, кој порача дека Нигерија е држава со уставни гаранции за верска слобода и дека религиозната толеранција е суштински дел од националниот идентитет.
Трамп, пак, тврди дека „христијанството во Нигерија се соочува со егзистенцијална закана“, обвинувајќи ги „радикалните исламисти“ за масовни убиства.
Затегнатите односи меѓу Вашингтон и Абуџа доаѓаат во момент кога Нигерија, земја со повеќе од 220 милиони жители, се соочува со постојани терористички напади и насилства од групите Боко Харам и други екстремистички организации.
















