Американската царинска служба вратила околу 100 милијарди долари на компании кои претходно платиле увозни давачки, откако Врховниот суд на САД ги поништил царините воведени од претседателот Доналд Трамп за време на таканаречениот „Ден на ослободувањето“.
Според податоците објавени пред Американскиот суд за меѓународна трговија, вратените средства претставуваат околу 60 проценти од вкупно 165 милијарди долари собрани преку овие царини.
И покрај ваквата судска одлука, администрацијата на Трамп минатиот месец воведе нов пакет царини за повеќе од 80 земји, со стапки меѓу 10 и 12,5 проценти. Мерките ги опфатија Велика Британија, Канада, Мексико, Австралија, Индија, Кина, како и сите земји членки на Европската Унија.
Новите давачки формално се воведени врз основа на Член 301 од Законот за трговија од 1974 година, со образложение дека се насочени кон земји поврзани со принудна работа.
Сепак, коалиција од 25 американски држави покрена тужба против администрацијата, тврдејќи дека ова образложение служи само како начин да се заобиколи претходната одлука на Врховниот суд и повторно да се воведат спорните царини.








