Изградбата на новиот мост меѓу Русија и Северна Кореја официјално се претставува како проект за подобрување на трговската и туристичката соработка, но според истражување на организацијата „Truth Hounds“, можно е неговата вистинска намена да биде поврзана со воената логистика.
Мостот ќе ја премостува реката Тумен и ќе ги поврзе рускиот град Хасан со севернокорејскиот Туманганг, создавајќи ја првата патна врска меѓу двете земји.
Според „Гардијан“, Северна Кореја веќе го завршила својот дел од проектот, додека работите на руската страна привремено забавиле, но објектот е речиси целосно завршен.
Истражувачите сметаат дека, и покрај официјалните објаснувања за развој на трговијата и туризмот, мостот би можел да стане стратешки логистички коридор за воени потреби.
Од Москва и Пјонгјанг, пак, тврдат дека проектот има исклучиво економска цел и треба да придонесе за развојот на пограничните региони.
Вредноста на изградбата се проценува на повеќе од 100 милиони долари, иако вкупната трговска размена меѓу Русија и Северна Кореја во текот на 2024 година изнесувала само 34 милиони долари, што дополнително ги поттикнува шпекулациите за вистинската намена на мостот.








