ПРВ.мк
Свет

(ВОЗНЕМИРУВАЧКA ФОТОГРАФИЈА) НЕВИДЛИВА ЗАКАНА: „Бактеријата што јаде месо“ се шири низ Европа!

(ВОЗНЕМИРУВАЧКA ФОТОГРАФИЈА) НЕВИДЛИВА ЗАКАНА: „Бактеријата што јаде месо“ се шири низ Европа!

Летната сезона штотуку започна, но дел од европските земји веќе се соочуваат со сериозни здравствени предупредувања поради ширењето на бактеријата Vibrio, која во јавноста често се нарекува „бактерија што јаде месо“. Поради зголемениот ризик, неколку плажи во Шпанија веќе биле затворени, пренесува „Еуроњуз“.

Според експертите, зголемените температури на морската вода создаваат поволни услови за размножување на оваа бактерија, која природно се наоѓа во морските и крајбрежните води. Најголема концентрација може да има во плитките делови и во областите каде што реките се влеваат во морето.

Инфекцијата најчесто се јавува кога отворени рани ќе дојдат во контакт со заразена морска вода, но може да се пренесе и преку консумирање сурови или недоволно термички обработени морски плодови.

Во најтешките случаи, бактеријата може да предизвика сериозни инфекции на меките ткива, труење на крвта и други компликации кои бараат итна медицинска интервенција. Во одредени ситуации, поради обемот на оштетувањата, може да биде потребна и ампутација на зафатениот екстремитет.

Од Европскиот центар за превенција и контрола на болести предупредуваат дека опасноста дополнително се зголемува за време на топлотни бранови, какви што веќе се регистрираат низ Европа. Научниците посочуваат дека Медитеранот е меѓу регионите најпогодени од климатските промени и забрзаното затоплување на морето, што придонесува за почеста појава на вакви бактерии.

Освен здравствениот аспект, ширењето на Vibrio може да има и сериозни последици врз туризмот. Затворањето на плажите и предупредувањата до посетителите во текот на летната сезона би можеле да предизвикаат значителни економски загуби за туристичките центри кои зависат од летните месеци.

Стручњаците предупредуваат дека ова не е далечна закана, туку актуелен проблем кој веќе влијае врз европските крајбрежни подрачја, а климатските промени дополнително го зголемуваат ризикот од појава и ширење на опасните бактерии.

Најнови вести