Видео што брзо се прошири на руските социјални мрежи предизвика шок и масовни реакции. Во него се гледа позната блогерка од Саратов која го става својот малолетен син во вакуумска вреќа и вклучува правосмукалка – постапка што може сериозно да го загрози животот на детето.
Блогерката, 36-годишната Ана С., на снимката објаснува дека сакала „да му овозможи необично чувство“, додека детето лежи неподвижно. Во еден момент момчето вознемирено ја повикува мајка си, а таа се смее и коментира дека ваквите вреќи можат „целосно да го стопираат воздухот“.
Снимката, која брзо била избришана од профилот на блогерката, веќе се прошири на бројни платформи и предизвика лавина на критики. Корисниците ја обвинуваат за неодговорност и загрозување на детски живот.
Според руските медиуми, случајот стигнал до социјалните служби и полицијата. Властите проверуваат во какви услови живее детето и што точно се случувало во моментот на снимањето.
Ана С. е позната инфлуенсерка со голема публика, а нејзините видеа често достигнуваат милионски прегледи. Овојпат, објавата наместо симпатии предизвика сериозни прашања за безбедноста на детето, родителската одговорност и границите на содржината на интернет.

















