Илјадници жители на шпанскиот остров Палма де Мајорка излегоа на масовен протест против прекумерниот туризам, предупредувајќи дека огромниот број посетители создава сè поголем притисок врз локалниот живот, инфраструктурата и секојдневието на жителите.
Движењето „Помалку туризам, повеќе живот“ („Menys Turisme, Més Vida“) го организираше протестот под слоганот „Мајорка на работ на издржливоста“, барајќи промени во начинот на кој се управува со туристичкиот прилив на островот.
Според податоците на полицијата, на протестот присуствувале околу 25.000 луѓе, додека организаторите тврдат дека бројката достигнала околу 70.000 учесници. Насобраните граѓани носеле транспаренти со пораки како „Пренатрупана Мајорка“ и „Нема повеќе капацитет“, изразувајќи незадоволство поради, како што велат, неодржливиот раст на масовниот туризам.
Иако протестот во најголем дел поминал мирно, тензиите започнале кон крајот на демонстрациите, кога полицијата се обидела да ја контролира толпата во близина на Сес Волтес, местото каде што требало да биде прочитан завршниот манифест на протестот.
Поради големиот број луѓе кои не можеле да стигнат до локацијата, ситуацијата станала напната. Дел од демонстрантите потоа се упатиле кон Парк де ла Мар, додека полицијата поставила засилено обезбедување долж улиците.
Голем број полициски припадници, дел од нив опремени со штитови и опрема за растерување толпа, биле распоредени околу областа. Демонстрантите извикувале пораки против полициското присуство и тврделе дека им е ограничено правото слободно да го продолжат протестниот марш.
Најсериозните инциденти се случиле откако бил прочитан манифестот, што требало да го означи крајот на протестот. Според полицијата, мала група лица започнала да фрла предмети, главно пластични шишиња, по што службите реагирале.
При интервенцијата биле употребени гумени куршуми, а според извештаите имало и употреба на пендреци. Итната медицинска помош им укажала помош на осум лица, од кои две биле пренесени во болница со полесни повреди.
Меѓу повредените бил и маж со повреда на главата, кој според сведоци останал да лежи на земја по инцидентите. Дел од туристите кои случајно се нашле во близина исто така биле погодени од хаотичната ситуација.
Движењето „Помалку туризам, повеќе живот“ веќе трета година организира протести поради прекумерната посетеност на Палма де Мајорка. Жителите бараат ограничување на масовниот туризам и мерки со кои, според нив, би се зачувал квалитетот на живот на локалното население.
Палма де Мајорка останува една од најпознатите туристички дестинации во светот, но сè поголем број жители во популарните европски летувалишта предупредуваат дека огромниот број туристи носи и сериозни предизвици за локалните заедници.






