Германија е потресена по нападот во Берлин за време на Парадата на гордоста, откако се откри дека осомничениот сторител претходно бил осуден поради обид да ѝ се приклучи на терористичката организација Исламска држава (ИДИЛ), но не се наоѓал зад решетки бидејќи казната му била условно одложена.
Абдул Балут (21), германски државјанин со либанско потекло, со возило „Ситроен“ влетал меѓу учесниците на парадата во берлинскиот парк Тиргартен, при што една жена го загубила животот, а уште 29 лица биле тешко повредени.
Случајот дополнително ја разбранува јавноста по информациите дека Балут само неколку месеци претходно бил осуден на 22 месеци затвор поради активности поврзани со обид за приклучување кон ИДИЛ. Сепак, казната била одложена, а тој добил и обврска да посетува програма за дерадикализација.
Според истрагата, Балут уште од порана возраст бил познат на полицијата. Пред четири години бил осуден за напад и грабежи извршени во 2019 и 2020 година, според заедничкото соопштение на берлинското обвинителство и судските власти.
Подоцна, истражителите утврдиле дека тој почнал да се радикализира и дека се обидел да воспостави контакт со припадници на терористичката организација Исламска држава.
Во мај 2025 година, Балут отпатувал во Турција со намера да продолжи кон Мавританија, но откако тој план не успеал, заминал во Либан каде, според обвинението, се обидел да воспостави врска со членови на ИСИС.
Либанските власти го уапсиле во јули, по што воен суд го осудил на три месеци затвор. По издржувањето на казната, бил депортиран назад во Германија.
По пристигнувањето на берлинскиот аеродром на 17 ноември, повторно бил уапсен и ставен во притвор. Неколку месеци подоцна, во мај 2026 година, бил изведен пред суд под обвинение за подготовка на тешко насилно кривично дело што ја загрозува државата.
Судот утврдил дека Балут се обидел да ѝ се приклучи на ИДИЛ и дека преку социјалните мрежи ширел пропаганда на терористичката организација. И покрај тоа, изречена му била затворска казна од 22 месеци со дополнителна мерка за дерадикализација.
Државното обвинителство поднело жалба на одлуката, но постапката сè уште не била завршена кога се случил нападот во Берлин.
Случајот повторно го отвори прашањето за тоа како се следат лица со претходни терористички поврзаности и дали постојните мерки биле доволни за спречување на нови насилни дејствија. Истрагата продолжува за да се утврдат сите детали околу нападот и пропустите што можеби му претходеле.







