Демократскиот сенатор од Њу Џерси, Кори Букер, предупреди дека пасивноста на американскиот Конгрес во контрола на воените овластувања на претседателот практично може да отвори врата за нови воени операции на САД, вклучувајќи можен напад на Куба.
Во емисијата „Состојба на унијата“ на CNN, Букер ги критикуваше републиканците за блокирање на резолуцијата што требаше да го ограничи претседателското право на војна, обвинувајќи ги дека му овозможуваат на Доналд Трамп без поголем отпор да го шири воениот конфликт.
„Зошто Конгресот едноставно се повлекува и не прави ништо?“ – праша Букер, додавајќи дека републиканците кои се против резолуцијата ги нарекува „Трампови послушници“.
Тој предупреди дека продолжувањето на ваквата политика може да доведе до нова ескалација на американските воени операции. „Ако дозволиме ова да продолжи, практично му даваме дозвола на Трамп да каже: завршив со Венецуела, бев во Иран, сега одам на Куба, а потоа можеби и во Северна Кореја“, истакна Букер.
Букер истакна дека проблемот со проширувањето на претседателските воени овластувања не е нов и дека и претходните администрации изведувале воени операции без изрично одобрение од Конгресот. Сепак, според него, сегашната ситуација е без преседан.
Тензиите меѓу Вашингтон и Хавана растат, додека Куба и САД одржуваат преговори за ублажување на трговските и економските блокади. Сенаторот Букер порача дека токму Конгресот треба да преземе поактивна улога за да се спречи нова воена ескалација.
„Неверојатно е што можеме да имаме вакво ниво на воено ангажирање без никаква реакција од Конгресот“, заклучи Букер.

















