Војната меѓу Украина и Русија се претвори во лабораторија на модерното војување, каде импровизацијата и технологијата стануваат клучно оружје. Двете страни секојдневно тестираат нови начини да ја надмудрат противничката армија – од дронови претворени во авиони-самоубијци до бомби со млазни крила што можат да летаат стотици километри.
Украинците неодамна користеле мал авион без пилот, модифициран во смртоносен проектил, кој летал речиси 2.000 километри во внатрешноста на Русија и погодил фабрика за експлозиви во Дзержинск. Зад овој инвентивен напад стои инженерот познат под името Горонич, кој од обични едномоторни авиони создава оружја со голем дострел.
Русија, пак, одговори со нова млазна бомба со дострел од 200 километри, создадена од старите залихи на оружје. Само за еден ден се забележани речиси 300 руски воздушни напади со вакви бомби, а новата верзија, наречена UMPB-5, веќе е употребена против Харков.
Во морето, Украина ја засили употребата на своите поморски дронови „Sea Baby“, кои можат да пренесат до 2 тони експлозив и да патуваат над 1.500 километри. Токму овој модел беше искористен при нападот на Кримскиот мост.
И Русија и Украина брзо учат една од друга – руските сили додаваат оклоп на возилата, користат нови камуфлажи и тестираат дронови преку специјална единица „Рубикон“. Украина, пак, останува зависна од западната воена помош и бара ракети со долг дострел за да ја пренесе борбата на руска територија.
„Сите кои ни помагаат со системи за противвоздушна одбрана спасуваат животи, а тие што ни даваат оружја со долг дострел – го приближуваат крајот на војната“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Конфликтот, кој започна како класична инвазија, денес е демонстрација на тоа како технологијата може да ја преобликува самата природа на војувањето.















