ПРВ.мк
Свет

ВОДАТА СТАНУВА КРИТИЧЕН ПРОБЛЕМ: Европските реки на најниски нивоа во последните 34 години

ВОДАТА СТАНУВА КРИТИЧЕН ПРОБЛЕМ: Европските реки на најниски нивоа во последните 34 години

Европа се соочува со сериозна суша која ги спушти нивоата на некои од најголемите реки на континентот до историски ниски вредности. Рајна, Темза и Дунав, како и делови од Рона и По, во јули регистрирале исклучително низок проток, додека Франција воведе строги ограничувања за користење вода на голем дел од својата територија, објави 4news.mk.

Според анализи базирани на податоци од европските системи „Коперник“, околу 95 проценти од следените делови на Темза, 85 проценти од Рајна и 65 проценти од Дунав забележале најнизок јулски проток во периодот опфатен со податоците од 1992 година наваму.

Сериозно е погодена и Рона, додека протокот на најголемата италијанска река По е значително намален. Состојбата се поврзува со долготрајниот недостиг на врнежи и екстремно високите температури што го погодија континентот.

Особено загрижува состојбата на Рајна, која долж голем дел од својот тек е погодена од тешка хидролошка суша. Проблеми има и на Дунав, а нискиот водостој во Унгарија создава дополнителни предизвици и за енергетскиот сектор.

Франција под строги ограничувања

Ситуацијата е особено сериозна во Франција, каде ограничувања за користење вода се воведени на речиси 70 проценти од територијата.

Според објавените информации, сите 99 департмани во европскиот дел на земјата се на одредено ниво на предупредување, а 67 се ставени во највисокото – кризно ниво. Уште 21 департман е во режим на засилена приправност.

Во областите каде е прогласена криза, водата приоритетно се обезбедува за пиење, здравствени потреби, хигиена и цивилна заштита. Ограничувањата можат да опфатат забрана за полевање зелени површини, полнење базени, миење автомобили и дел од земјоделското наводнување.

Илјадници жители почувствуваа проблеми

Проблемите веќе директно ги чувствува и населението. Според француските власти, во делови од земјата биле регистрирани прекини во водоснабдувањето кои погодиле повеќе од 30.000 жители во десетици општини.

На некои места било потребно снабдување преку цистерни или користење флаширана вода.

Француските власти најавуваат дополнителни мерки доколку сушата продолжи, а покрај снабдувањето на населението, се следат и последиците врз земјоделството, природните екосистеми и енергетскиот сектор.